Ексклузивно

[Интервју] Речиси 40 години нема попис на шумскиот фонд



Шумарството е едно од најзапоставените стопански гранки – од немање услови за работниците, па до недостиг од инвестиции. ЈП Македонски шуми изминативе години се претвори во биро за вработување, но воглавно на кадар од други професии, наместо шумарски инженери. Пописот на шумите, пак, кој треба да покаже уште колку ни остана од ова природно богатство, се уште е во најава, смета младиот докторанд Владимир Стојановски, од катедрата за Економика и организација во шумарството при Шумарскиот Факултет во Скопје.
Според него, отсуствуваат јавни дебати, а уште повеќе отсуствува политичка волја за решавање на горливите проблеми.
„Познавам 10-15 колеги кои имаат завршено и што се на постдипломски и докторски студии на реномирани факултети низ Европа од областа на шумарството, но за жал, не се воопшто искористени. Постои мрежа на наши истражувачи со други на регионално ниво, но таа е како резултат на ентузијазмот на овие луѓе. Голем дел од нив кои го градат имиџот на македонското шумарство, не се дел од системот на шумарството. Делуваат на волонтерска, доброволна база, а легислативно фантомски. Подршката за тие луѓе изостанува, како институционално со нивно вклучување во системот шумарство, така и апликативно каде со нивна помош и труд многу проекти беа донесени. Но, поради немањето на некои минимални средства за кофинансирање или поради неплаќање на чланарина во светски и други здуженија од оваа област, тие проекти не се реализираа“, вели тој.

„Ш“ како шумарство


Стојановски симболично ја претстави ситуацијата во која се наоѓа шумарството, споредувајќи ја со буквата Ш, последната од македонската азбука.
„За првпат со ИПА се предвидени 1.5 милион  евра за секторот шумарство, од вкупните 15 милиони евра што е еднакво на 10%, но дали е доволно?“, прашува тој.

Нагласи дека единствениот извор на финансирање во моментов е преку средствата од продажбата на дрво, кои пак потоа се трошат на пошумување.
„Со секој ребаланс во МЗШВ прво на удар е шумарството“, забележува.
„Попис на шумскиот фонд немаме, а последниот е направен во 1979 година. Сега замислете си, ние базираме и ја креираме иднината на шумарството врз основа на што?“, вели Стојановски, нагласувајќи дека овој документ ќе покаже дали и колку македонските шуми се загрозени.
Шумарскиот факултет во Скопје заедно со Организацијата за исхрана и земјоделство на Обединетите Нации направиле попис на потрошувачката на дрвната маса во 2015 година, во кој вклучиле над 6000 домаќинства. Нивното истражување покажало фрапирачки резултати – 2,2 милиони кубни метри биле потрошени од домаќинствата и индустријата, што е далеку поголема бројка од 800.000 кубни метри што ги наведува Државниот завод за статистика.
Истражувањето покажало и дека само 14 отсто од граѓаните ги купуваат дрвата навремено, а над 60 отсто ги купуваат непосредно пред грејната сезона.
„Колегите од Србија имаа посериозен пристап и направија детална анализа каде увидоа дека тоа дрво (тазе посечено) е многу штетно за помлада генерација (децата), луѓето со срцеви проблеми, астма… и може да има сериозни нарушувања на човековото здравје. Студијата покажа дека соковите од дрвото кога ќе дојдат во судар со оган испуштаат многу штетни супстанци“, посочи Стојановски.

Колку пари, толку истражувања


Немањето средства за истражување е проблем на секој домашен научник. Па така, ретко може да се забележи некое поголемо истражување, освен ако тоа не е финансиски поддржано од одредена фондација, или пак, научникот решил да издвои средства од сопствениот џеб.
Стојановски како докторанд на Универзитетот за природни ресурси и применети науки во Виена решил да се врати во Македонија и со своето знаење да придонесе на катедрата на Шумарскиот факултет во Скопје. Но, и тој се разочарал од реалноста.
„Конкретно ако погледнете колку средства од МЗШВ или пак од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) или пак од ЈП Македонски Шуми се слеани за истражување на Шумарскиот факултет во Скопје ќе видите дека такво нешто не постои. На последната работилница за климатски промени замник-министерот за животна средина напомена дека „Климатските промени не се политика, тоа е наука“, а пари за наука нема. Следствено, резултат на тоа се скромни резулатати и анализи поврзани со шумарството и климатските промени. Истражувањата во шумарството се поврзани со теренски анализи, а без финансиски средства теренски анализи не се возможни, што доведува до ситуацијата – за да се бавиш со научна работа во шумарството, треба да применуваш многу „импровизирани методи“, вели тој.

Стојановски отсекогаш верувал дека шумарството го има клучот за сите еколошки проблеми. Ги посочи развиените земји кои акцент ставиле на водоснабдувањето на градовите и водата за пиење, а тоа е во силна релација со шумите.
„Најголем дел од биоенергијата доаѓа од шумарството заедно со земјоделието. Недрвни шумски производи како што се печурките, бобичастите плодови, ароматичните билки, чаеви кои најголем дел се извозно ориентирано се тесно поврзани со шумите. Дел од нив е многу тешко да се култивираат“, посочува тој.
Во однос на управувањето со шумите, Стојановски оценува дека шумарските политики се полни со недоречености и преклопувања.
„Како што е наведено во Стратегијата за шумарството, на еден простор (шума) има повеќе управувачи: со дрвјата управува – ЈП Македонски Шуми, со дивечот – ловно друштво (концесија), со водите – водостопанство.., Сето тоа пропишано од релеватните политки. Јас тоа би го нарекол караоке управување (karaoke governance), што значи – сите го имаме текстот, сите ја знаеме песната, но не звучиме исто“, заклучи Стојановски.

Емилија Петреска


Превземено од: https://www.radiomof.mk/


No comments