Ексклузивно

Во Милано ќе се садат 3 милиони дрвја во борбата со климатските промени


Милано е една од европските модни престолнини што се карактеризира со сивило не само од неокласичните камени градби, туку и со сивило на небото поради загаденоста на воздухот. Сепак, сивите нијанси не се тренди избор за еден град од перспектива на екологијата. Поради тоа, Италијанците одлучија до 2030 година да го озеленат Милано со 3 милиони нови дрвја.
Градските власти процениле дека планираната програма ќе го зголеми бројот на стебла за 30 отсто. Дрвјата на годишно ниво ќе „впијат“ дополнителни пет милиони тони јаглероден диоксид. Оваа количина е еднаква на четири петтини од вкупните емисии на штетен гас во Милано. 
Во рок од десет години дрвјата од атмосферата би отстраниле околу три илјади тони ситни штетни ПМ10 честички. Се очекува и последователен пад на температурите во градот за 2 Целзиусови степени. 
Архитектот Стефано Боери во 2014 година во срцето на Милано создал зелена оаза. Во рамките на неговиот проект „Вертикална шума“ над градот се издигнаа две станбени згради обвиткани со растенија и со дрвја распоредени по балконите.
Боери нагласува дека само 7 отсто од територијата на градот се облагородени со флора и изрази надеж дека овој процент до 2030 година ќе се искачи на меѓу 17 и 20 отсто. 
Проектот за озеленување на Милано претставува амбициозен план за претворање на нефункционалните железнички мрежи во седум парка со по 25.000 нови дрвја секоја година. Проектот вклучува и збогатување на рамните покриви со вкупна површина од 10 милиони квадратни метри со зеленило, како и садење стебла во 2.300 училишни дворови.
Научниците сметаат дека новите зелени капацитети најпозитивно ќе се одразат врз временските услови во градот. Ноќите во Милано се и до 6 степени потопли во споредба со ноќите во околните места. 
Според податоците од едно истражување од 2015 година, најмногу случаи на предвремена смрт поради лош квалитет на воздухот во Европа се забележани токму во Италија, дури 84.400. 

Во борбата против загадувањето Италијанците сега ќе добијат уште три милиони соборци. 

No comments