Ексклузивно

Потпишан меморандум за соработка помеѓу МЗШВ, ЈПМШ и НЗСПШ


Денеска (24.10.2018 година) во просториите на Јавното претпријатие "Македонски шуми" се потпиша Меморандум за соработка меѓу: 
Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми "Македонски шуми" п.о - Скопје, Министерството за замјоделство, шумарство и водостопанство и Национално здружение на сопственици на приватни шуми.
Како домаќин на потпишувањето на Меморандумот за соработка до медиумите се обрати директорот на ЈП Македонски шуми Зоран Ѓорѓиев. Тој во својата изјава рече:
“Шумите се дел од нашето национално богатство и како добро од општ интерес и нивната заштита и унапредување е наша примарна цел. Ориентацијата на земјата кон Европската Унија бара хармонизација на шумарската политика се со цел - создавање на модерно и одржливо шумарство.
Реалните услови во моментов ја налагаат потребата од отпочнување на процес на реформи во шумарскиот сектор односно создавање на ефикасен систем за одржливо управување со шумите како во државната така и во приватната сопственост.
Со членовите наведени во овој Меморандум само се потврдува досегашната соработка и се нагласуваат традиционалните и со Закон утврдени заложби за одржливо управување и менаџирање со шумите во Република Македонија како во државна така и во приватна сопственост, трајно зголемување на шумскиот фонд, унапредување на мерките за рурален развој, како и подигање на нивото на квалитет на услугите кои што пак ние како ЈП Македонски шуми ги даваме на сопствениците на приватни шуми со што се заокружува процесот на негување на економските, еколошките и културните вредности на шумите. 
За делот на подигање на нивото на квалитет на услугите кои што пак ние како ЈП Македонски шуми ги даваме на сопствениците на приватни шуми ние веќе преземавме конкретни активности со вклучување на дел од нововработените стручни лица (шумарски инжињери и техничари) со цел зголемување на капацитетите и подигање на квалитетот и во делот на давање на услуги на сопствениците на приватни шуми.
Убеден сум дека во иднина сите заедно ќе придонесеме кон зацврстување на шумарството како важна стопанска гранка на што, на некој начин, се обврзуваме и со овој меѓусебен меморандум за соработка.”
Во својата изјава, Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, изјави:
“Потпишувањето на денешниот Меморандум со Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми ,,Македонски шуми" и со Националното здружение на сопственици на приватни шуми, е од исклучително значење за одржливо управување и менаџирање со шумите во државата, како и за трајно зголемување на шумскиот фонд.
Со овој Меморандум, ние како ресорно министерство, во координација со Македонски шуми и со Националното здружение на сопственици на приватни шуми, се обврзуваме да ги унапредиме постоечките и да креираме нови мерки во Програмата за рурален развој, со една единствена - зголемување на економските, еколошките и културните вредности на шумите.
Со Буџетот за оваа 2018 година за Програмата за проширена репродукција на шумите и за Програмата за развој и унапредување во ловството, од 10 милиони денари колку што се издвојуваше минатите години, сумата ја зголемивме на 21,5 милиони денари. Оваа сума е намената за унапредување и превентивна зашrита на шумскиот фонд и мал дел мерки во ловството.
Со денешниот Меморандум планираме креирање и унапредување на мерките од Програмата за проширена репродукција на шумите. Оваа 2018 година се издвоени 3,2 милиони денари за пошумување на голини и ерозивни земјишта. Преку соработка и комуникација со стручната фела и со претставниците на Здружението, ќе создадеме нови мерки од заеднички интерес и ќе издвоиме повеќе финансиски средства. Резултатот ќе биде зголемување и унаnредување на шумскиот фонд. Воедно, со овој Меморандум се предвидува соработка при изработување на Закони и подзаконски акти од областа на шумарството.
Во наредниот период ќе отпочнеме со сериозни реформи во шумарскиот сектор, за што секако ќе се изнајдат и дополнителни средства. Наша цел за наредните години е да постигнеме унапредување на шумите и шумарството во целина, преку ново финансирање за проширена репродукција на шуми.
За ефикасна реализација на оваа цел, имаме помош и од меѓународните партнери. Имаме финансиска и техничка помош од ФАО, за развивање на методологијата за спроведување на Национален инвентар за шумите и истата ќе трае до крај на година. Шумарството е влезено и во тригодишната Проrрамска рамка на ФАО за Македонија. Дополнително, со европската ИПА 2019, за македонската земјоделство и руралниот развој се планирани 15 милиони евра, со кои за првпат ќе се финансира и секторот шумарството. Парите ќе се искористат за воспоставување шумарски информативен систем, што е важно за одржливо стопанисување со шумите, креирање на политиките за приближување на македонското шумарство кон современите текови и обезбедување податоци клучни за развојот на овој сектор.”
По повод потпишувањето на Меморандумот за сорабока,Претседателот на Национално здружение на сопственици на приватни шуми, Војо Соколовски, рече: “Со нескриена радост и задоволство констатирам дека после 20-години постоење на Национално здружение на сопственици на приватни шуми, за прв пат се врати дома, во шумарството, таму каде што припаѓа. Се надевам дека во иднина, покрај досегашната работа која беше ограничена само на проекти, здружението ќе биде во ситуација да изгради позиции за партнерство со институциите и дека со идната соработка ќе биде остварена стратешката цел на задоволство, пред се на Национално здружение на сопственици на приватни шуми, а тоа е интеграциско учество во шумарството на Република Македонија”. 
Претседателот на НЗСПШ, Војо Соколовски упати јавна покана до Министерот и директорот за присуство на ФОРЕСТ ФЕСТ во Берово и Пехчево, манифестација која ја организира Националното здружение на сопственици на приватни шуми, со надеж дека уште веднаш ќе се видат резултатите од потпишувањето на овој Меморандум за соработка.


No comments